Wednesday, May 22, 2013



Шеќерна болест или ( diabetes mellitus ) е хронично системско пореметување на метаболизмот, кое се карактеризира со хипергликемија, т.е. трајно зголемување на нивото на глукоза во крвта. Генерално е условен од наследни фактори,  а настанува како последица на намалено излачување или намалено биолошко дејство на хормонот инсулин, односно во комбинација на овие два фактори.  Тој недостаток ја попречува размената на јаглени хидрати, масти и белковини во организмот (што се манифестира со карактеристични тегоби), а по подолго време влијае и на структурата и функцијата на крвните садови, нервите и другите витални органи и органски системи.
Дијабетесот денес се вбројува меѓу најчестите ендокринолошки заболувања, со тенденција на зголемен пораст (особено во развиените земји на светот).  
Тоа е последица на модерниот стил на живот и зголемениот број на надворешни етиолошки предизвикувачи, меѓу кои посебно се издвојува претераниот вишок на килограми.  
Шеќерната болест најчесто се јавува во поодмината животна возраст како последица на општите дегенеративни и склеротични промени во организмот (кои го зафаќаат и панкреасот), а кај младите лица може да настане поради генетски пореметувања или оштетувања на панкреасот кај одредени заразни заболувања. 


  Како настанува шеќерната болест ?

  Дијабетот  настанува кога во организмот го нема доволно хормонот - инсулин. За да може да работи нашиот организам, мора да обезбеди неопходна енергија. Организмот ја добива оваа енергија, така што храната која ја прима ја разградува до гликоза, која понатаму главно ја користи за енергија. Овие процеси се случуваат во цревата и во црниот дроб, а се потпомогнати со одредени ензими.

 Гликозата преку крвотокот патува низ целиот организам, но таа не може да се употреби за енергија од страна на клетките, додека не навлезе во нивната внатрешност. Инсулинот преставува клуч кој што овозможува гликозата да навлезе преку sидот во внатрешноста на клетките. Ако нема доволно инсулин гликозата ќе се натрупува во крвта, клетките нема да имаат доволно енергија за нормална работа, а тие луѓе ќе се чувствуваат болни. Инсулинот се произведува во панкреасот.
Панкреасот е жлезда со внатрешно и надворешно лачење. Таа е долга околу 15 cm и има форма на положена буква Ј, чиј поширок крај се нарекува глава, средниот дел се нарекува тело, а најтесниот дел од жлездата се нарекува опаш. Панкреасот е сместен зад желудникот и лежи пред `рбетниот столб. Личи на положена тенка круша.
 Соковите кои помагаат во варењето на храната се создаваат во егзокрините панкреасни клетки (клетки со надворешно лачење), додека пак хормоните како што се: инсулинот и глукагонот се создаваат во ендокрините панкреасни клетки (клетки со внатрешно лачење).

Овој орган во човековото тело има две важни фукции:

* произведува и лачи дигестивни сокови, кои помагаaт во варењето на храната,
* произведува и лачи хормони (инсулин и глукагон), кои го регулираат нивото на шеќерот во крвта. Овие хормони помагаат организмот да ја складира и користи добиената енергија од храната.

 Доколку кај инсулин-зависниот дијабетес или тип 1 се знае начинот на кој настанува заболувањето, кај инсулин-независниот дијабетес или тип 2 не се знае точниот механизам на настанување на болеста. Една од теориите кои го објаснуваат појавувањето на оваа болест е инсулинската резистенција на периферните ткива т.е неосетливост на периферните ткива на дејството на хормонот инсулин со релативен инсулински дефицит или помалку чест фактор е предоминирачки инсулин секреторен дефект со или без инсулинска резистенција. 

 Оваа болест започнува подмолно, со бавен и неприметлив почеток и во тој период исклучиво со лабораториски испитувања т.е контрола на шеќерот во крвта може да се предвиди појавата на болестa. На почетокот на болеста се забележува покачување на шеќерот во крвта на гладно но после првиот дневен оброк нивото на гликемијата т.е шеќерот во крвта нагло се покачува што укажува на нарушена регулација на хипергликемичните.
Предијабетес е состојба во која индивидуалци имаат покачен шеќер во крвта, но сепак не можат да се вбројат во класата на дијабетичари. Овие луѓе имаат зголемeн ризик за појава на дијабет тип 2, срцеви заболувања и мозочен удар.


Основни симптоми на оваа болест се: 
* зачестено и пообилно мочање, 
* силна жед, 
* јадеж на гениталните органи, 
* општа малаксаност и нагло губење на телесната тежина, 
* заматен вид, 
* повракање и болки во стомакот,  
* ноќно потење.
Видови на дијабет


Главно постојат 3 типови на дијабет и тоа :

Тип 1 дијабет или инсулин-зависен дијабет (кој е карактеристичен по тоа што се јавува речиси секогаш во најраната детска возраст и речиси секогаш зад неговото настанување стои автоимуна реакција зад која претходела некаква вирусна инфекција)  
Тип 2 дијабет или инсулин-независен дијабет кој се јавува најчесто во подоцните години во животот (адултен дијабетес) и најчесто е со непозната етиологија (т.е причинителот останува неоткриен). Постојат бројни докази кои овој тип го поврзуваат со наследниот фактор т.е огромна е можноста за наследност.
* Гестациски дијабет е форма на дијабетес кој се појавува исклучиво за време на бременоста кај жените.Но треба да се знае дека дијабетес кој постоел пред бременоста кај жената не можеме да го класифицираме во групата на гестациски дијабетес.

Како се дијагностицира шеќерната болест?


Доколку кај пациентот постои веќе изразена клиничка слика на болеста т.е веќе постојат знаците кои се типични за оваа болест доволно е само една гликемија на гладно (испитување на нивото на шеќер во крвта) за да се докаже постоењето на дијабетес. Но, доколку пациентот кој се јавил на преглед кај својот доктор не покажува никакви симптоми на постоење на шеќерна болест (асимпоматски пациент)тогаш, во никој случај не смее да се постави дијагноза шеќерна болест само со едно мерење на шеќерот во крв на гладно.  
         
Ако при тоа мерење, по претходно 12 часовно гладување се добијат вредности повисоки од 6.8ммол/Л пациентот се иследува со изведување на ОГТТ(орален гликоза толеранс тест). Тестот се изведува со земање крв на гладно и одредување на гликемија по што пациентот пие вода 250-300мл засладена со 75 грама гликоза анхидрат во текот на 5 минути по претходното земање на крв. Потоа се чека период од 2 часа и повторно се зема крв за испитување на гликемија. Доколку после овој период гликемијата во венската крв изнесува над 10 ммол/Л тогаш може да се каже дека станува збор за шеќерна болест. Други испитувања кои се користат во дијагностицирањето на шеќерната болест се и испитување на шеќер во урина (гликозурија) со тест траки како и одредување на кетонски тела.      


Како контрола на тоа како е регулиран дијабетесот во последните 6-8 недели кај еден пациент со оваа болест се користи испитувањето на на гликолизираниот хемоглобин HbA1c кој е одличен параметар за успешноста на спроведеното лекување кај пациентот.






Како се лекува шеќерната болест?

Основно во лекувањето на оваа подмолна хронична болест е здравиот начин на исхрана и вежбањето.   
Примарно оружје во борба против оваа болест кое го препорачува секој лекар е диетата 
Доколку и после оваа диета  гликемијата на гладно е покачена над дозволените граници, тогаш лекарот е должен да препорача орална таблетарна терапија, а тоа се дериватите на сулфонилуреа кои што вршат стимулација на бета-клетките да лачат инсулин и другата група т.н бигваниди кој што дејствува на подобро искористување на глукозата од периферните ткива.




Доколку и на овој начин лекарот не успее да ја доведе под контрола шеќерната болест тогаш се употребува најсилното оружје - секојдневната примената на хормонот инсулин кој денес најчесто е од хумано потекло и може да биде со кратко, средно и долго дејство. Тој е пакуван во специјални пенкала и се аплицира исклучиво поткожно (субкутано) најчесто во надколеницата, надлактицата и стомакот. Најчесто се користи инсулин со средно дејство кој се аплицира двапати на ден со тоа што наутро се зема ударна доза додека вечерната доза не треба да биде поголема од 1/3 од утринската доза. 



Последици од нелекувана шеќерна болест?

Лицата кои подолго време боледуваат од шеќерна болест имаат зголемен ризик од појава на хронични компликации и тоа како последица на нерегулираниот шеќер во крвта.
Тие компликации можеме да ги поделиме во две групи и тоа како:

микроангиопатии (оштетување на малите крвни садовии 

макроангиопатии (оштетување на големите крвни садови). 

Во првата група на микроангиопатии можеме да ги спомнеме: дијабетичната ретинопатија (оштетување на капиларите во мрежницата во окото и опасност од појава на катаракта (перде) и слепило), дијабетична нефропатија(оштетување на гломеруларното капиларно корито (гломерулосклероза) со потенцијална опасност од појава на бубрежно затајување (ренална инсуфициенција).Третиот тип од микроангиопатиите е појава на дијабетична невропатија (оштетување на капиларите кои ги хранат со крв нервните стебла, а со тоа доведуваат до нивно изумирање(денервација) и нивна нарушена функција со појава на силни болки во нозете,нарушено чувство на допир и атрофија на мускулите).   

Од макроангиопатиите треба да се споменат појавата на: коронарна артериска болест на срцето со огромна можност за појава на инфаркт, периферна васкуларна болест(затнување на артериите најчесто на нозете и појавување на гангрена), висок притисок(хипертензија) која е 3 пати почеста кај болните од оваа болест и цереброваскуларна болест со можност за појава на тромбоза (затнување) на крвните садови во мозокот но не е исклучена и можноста од мозочно крварење кое може да биде со фатален исход.
 










 
Препораки

За намалување на ризикот од појава на дијабет треба да се практикува здрава исхрана (повеќе овошје и зеленчук, намалување на внес на шеќери и сатурирани масти), редовна физичка активност (најмалку 30 мин. на ден), одржување на нормална телесна тежина и избегнување на употреба на тутун (бидејќи го зголемува ризикот за појава на кардиоваскуларни болести). 
Доколку луѓето имаат сознанија дека некој во нивната фамилија имал дијабет, треба да одат на редовни контроли за мерење на шеќерот во крвта.

Кај луѓето кои имаат дијабет се препорачуваат истите овие мерки, но и употреба на инсулин или апчиња и диета, со кои ќе го намалат нивото на шеќер во крвта, посета на едукации каде ќе научат правилна употреба на апаратчињата за мерење на глукоза во крвта. Многу луѓе кои имаат дијабет, во комбинација со терапијата против истиот, треба да користат и лекови за контрола на холестеролот и крвниот притисок.